Ново издание на Повардарската епархија

Објавено на 07.3.2016 12:29:32

Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Аномалии на родителската љубов“ од игумен Евмениј. Ова ново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ го преведе свештеник Јани Мулев. Игумен Евмениј е автор и на книгата „Пастирска помош за душевно болни“, која поодамна ја издаде нашето издаваштво. Оваа книга, како што гласи и самиот наслов, елаборира една проблематика  која што, во денешните општествени услови, е навистина предизвик за секој родител, а тоа е процесот на воспитување на децата. Преку многубројни примери опишани во оваа книга, игумен Евмениј нуди едно богоугодно и полезно четиво, препорачливо за секој родител.
Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.

 

Предговор на книгата „Аномалии на родителската љубов“

Авторот на оваа книга, игуменот Евмениј, веќе им е познат на нашите читатели преку книгата „Пастирска помош на душевно болни“, така што ова е веќе негово второ дело преведено на македонски јазик.

Оваа книга има сосема поинаква содржина од претходната. Во неа, преку многубројни и живи примери, доаѓаме до бесценети совети за најсветата должност на секој родители, а тоа е - воспитувањето на децата. Бог ни ги дава децата, а родителите се само чувари и негуватели на овој скапоцен дар. Но и крајниот резултат, односно, благословот за добрите деца, или проклетството за лошите, им припаѓа на родителите. Од воспитувањето на децата зависи иднината на земјата и Црквата, затоа треба да се посвети огромно внимание на овој процес, и да се избегнуваат грешките во воспитувањето кои доведуваат до разни аномалии.

Најсвети нешта во животот мора да ни бидат: семејството, Светата Црква и државата. Семејството е основна клетка, темел на Црквата и на државата. Ако темелот е нестабилен, како да очекуваме стабилна Црква и стабилна држава? Ако брачните заедници се распаѓаат, како да очекуваме да се зачуваат Црквата и државата? Ако не сакаме да имаме деца, или ги убиваме веќе зачнатите, како да очекуваме опстанок?

Одговорноста ја носиме сите. Ако сакаме иднина, тогаш да ја создаваме иднината; ако сакаме стабилност, тогаш да живееме стабилно. Не смееме да ја сечеме гранката на која седиме.

Еден човек дошол кај свети Јован Златоуст, да побара од него совет за тоа, како да ги воспитува децата. Светиот Златоуст му рекол: „Сакај ја твојата жена“. Со овие зборови сакал да му каже дека, ако во семејството има љубов, слога помеѓу сопружниците, децата ќе пораснат како здрави личности. Онаму каде што има немири, кавги, постојано несогласување, развод - таму нема здравје, нема ни благослов.

Преподобниот Ефрем Сириски вели: „Блажен е оној кој богоугодно ги воспитува своите деца“. Светиот Златоуст додава велејќи: „И кога целиот живот би го поминале во среќа, повторно би биле строго казнети, ако не се погрижиме за спасението на децата. Децата не се случајна добивка, и ние сме одговорни за нивното спасение“. Понатаму вели: „Ако децата кои си ги родил добијат од тебе потребна поука и со твојата грижа бидат израснати во добродетели, тогаш тоа ќе биде темел и почеток на твоето спасение, така и ти, освен наградата за сопствените добри дела, ќе добиеш и голема награда за нивното воспитување“.

Воспитувањето треба да почне уште од утробата на мајката, додека е бебето во мајката, таа треба да се моли на Бога, се причестува, вистински блажено да ја мине „блажената состојба“. Истиот ритам треба да се запазува и по крштевањето на детето, што е можно повеќе родителите, заедно со своите деца да доаѓаат на Литургија и сите заедно да се причестуваат со Христос. Во таков случај ќе имаме цврсти семејства, полни со мир и љубов, затоа што Христос ги поврзува членовите на семејството.

Оваа книга ја издаваме за сегашните и идните родители да видат како не треба, па да знаат како треба да ги воспитуваат своите деца, а не за да ги судиме претходните генерации. Нема безгрешен родител, нема таков кој не направил ниту една грешка во воспитувањето на децата, но затоа има и поправање. Да се трудиме во Црквата да ги воспитуваме децата, хранејќи ги со Телото и Крвта Христови, да ги образоваме, та да заблеска во нив Образот Божји, да им помогнеме да Го сретнат Бога, па постојано да бидат среќни.

Оваа книга не нуди одговори на сите прашања, но, сепак, во голема мера може да им помогне на сите сегашни и идни родители, во воспитувањето на децата. Затоа, на сите родители од длабочината на моето срце им ја препорачувам оваа душеполезна книга.

Митрополит Повардарски

+ Агатангел


Прочитано 1866 пати