Ноќва во Тбилиси се случи природна катастрофа. Од поплавите кои се случија како резултат на поројните дождови, загинаа 12 луѓе. Тие се водат за исчезнати. Повеќе од 200 луѓе останаа без покрив над главата. Водата делумно ја уништи и зоолошката градина. Животните се на слобода, ги ловат по целиот град.
После неделната Литургија, Патријархот Илија II зборуваше за трагедијата која произлезе од разбеснетата природна непогода што однесе човечки животи.
„Во Името на Отецот, Синот и Светиот Дух. Со нас е Бог! Живееме во специфично време. Ако го разгледаме нашето минато, историјата, минатото на човештвото, нема да најдеме таков период каков што преживуваме сега. Човештвото после падот на Адам и Ева паѓаше во грев, но чувствуваше дека се наоѓа во грев и изразуваше покајание.
Така било и во времето на незнабоштвото. Така било и кај Евреите. На пример, незнабошците на разни начини ја признавале својата огревовеност. Била прифатена таква форма. Тие оделе кај морето и пред морските бранови ги признавале своите гревови. И сметале дека брановите ќе ги однесат гревовите. Евреите одбирале јаре, ја ставале раката на неговата глава и ги кажувале своите гревови. Затоа и се вели ’жртвено јаре‘. Потоа го пуштале јарето во пустината, каде што тоа требало да биде изедено од волк или некое друго диво животно. Значи, чувството за гревот постоело отсекогаш.
Но ние живееме во такво време, кога постои стремеж да се уништи чувството за гревот. А тоа чувство е внатрешниот глас. Гласот на душата. Плачот на душата. Сакаме него да го пригушиме и да кажеме дека гревот не постои. Дека е само особеност на човекот и ништо друго. Но всушност, тоа е грев.
И секој човек е должен да принесе покајание за своите гревови пред Господа. Тоа е неопходно. Светите Отци велат дека доколку нема исповед, тогаш ниту еден човек не би се спасил. Затоа и кога одиме на исповед, два гласа зборуваат во нас. Еден вели: ’Признај. Во целост откриј ги своите гревови за да се очистиш‘. А другиот глас ни вели: ’Не откривај, зашто тоа е срамно!‘. И човекот почнува да се притеснува. Всушност, вториот глас е гласот на лукавиот. Затоа човекот е должен искрено да ги признае своите гревови. Светите Отци велат: ’Кога одиш на исповед, замисли си дека тоа е твојата последна исповед. Затоа должен си да кажеш сѐ‘.
Еве сега се случи ужасна трагедија во Грузија. Како резултат на излевањето на реките, поплавите и дождовите загинаа луѓе. Уништена е зоолошката градина. Излегоа животните од своите места и станаа опасност за луѓето.
Вие, веројатно, не се ни сеќавате дека пред неколку години имаше една мала информација за зоолошката градина. Кога комунистите дојдоа во Грузија и започнаа гонење на христијаните, на духовенството, почнаа да ги уништуваат храмовите и манастирите, тогаш беше издаден указ од храмовите и манастирите да се отстранат камбаните, да се претопат, и парите добиени од тоа беа искористени за изградба на зоолошката градина. Значи, зоолошката градина беше создадена по цена на манастирските и црковните камбани. Затоа таа зоолошка градина не донесе радост. Таа треба да се затвори и на друго место да се создаде зоолошка градина. Зашто таа е изградена врз гревот и по цена на гревот. Многумина не го помнат тоа, зашто таа информација беше објавена во нашиот печат.
Треба да запомниме дека гревот не останува неказнет. Секој грев се казнува, се казнува и грешникот. И ние денес страдаме, зашто Грузиецот паднал толку многу, што со парите од црковните камбани и од нивното уништување создаде зоолошка градина. И еве го резултатот од сето тоа - погинаа повеќе од 11 луѓе, уништени се животните, некои од нив се убиени, некои не можат да ги пронајдат. Ние денес служиме панихида за загинатите луѓе. Од тука ќе одиме на местата каде што се случи тоа, и ќе запалиме свеќи за погинатите луѓе. Господ нека го запре ова испитание. Господ да ни даде мир и единство. Амин!“
Патријархот Илија II отиде на Плоштадот на Хероите, каде што се случи трагедијата, и се молеше заедно со духовните и световните лица.
Министерот за животна средина и природни ресурси Гигла Агулашвили го предупреди населението за тоа дека трагедијата може да се повтори, бидејќи од понеделник во Тбилиси повторно може да има обилни дождови.
Извор: Православие.ру