Еднаш во Киев на празникот на светите маченици Борис и Глеб многу народ се собра од сите градови и села заради празникот. Еден киевјанин кој имаше голема почит кон свети Николај и кон светите маченици Борис и Глеб седна на кораб за Вишгород за таму да се поклони на гробот на светите маченици Борис и Глеб, а имаше со себе понесено свеќи, темјан и просфори, сè што е потребно за достојно празнување. Откако се поклони на моштите на светите и душата своја ја исполни со радост, тој тргна со коработ назад дома. За време на патувањето по реката Дњепар, неговата жена која што држеше дете во рацете задрема и го испушти детето во водата, а тоа потона. Таткото почна да си ја кубе косата на главата, офкајќи:
„Тешко мене, свети Николај, затоа ли имам толку голема вера кон тебе, за да не го спасиш моето дете од потопување! Кој ќе биде наследник на мојот имот? Кого ќе го научам свечено да го прославува твојот празник? Како ќе го јавувам твоето големо милосрдие што го излеа на сиот свет и на мене бедниот, кога моето дете се удави? Јас сакав да го воспитам просветувајќи го со чудата твои за после мојата смрт да ме фали мојот пород празнувајќи го свети Николај. Но светителу, ти ме нажали не само мене, туку и себеси, зашто јас наскоро ќе морам да престанам да те прославувам во мојот дом, зашто сум стар и го чекам крајот. Да сакаше, можеше да ми го спасиш детето; но ти допушти тоа да се удави и не го спаси моето единче. Или сметаш дека не знам за твоите чуда? Та ним им нема број и јазикот човечки не е во состојба да ги раскаже. И јас, свет отецу, верувам дека ти можеш сè што ќе посакаш, но моите беззаконија претежнаа. Дури сега, раскинуван од жалоста, сфатив дека сета твар ќе ми се покоруваше како на Адам во Рајот пред гревот да ги држев беспрекорно Божјите заповеди. А сега сета твар станува на мене: водата потопува, ѕверот растргнува, змијата проголтува, молњата изгорува, лебот даден за храна не нè насити и, според волјата Божја, ќе ни биде на погибел. Ние, надарени со душа и разум и создадени според сликата Божја, не ја исполнуваме, сепак, како што треба волјата на својот Создател. О, оче свети Николај, немој да се разгневиш на мене што зборувам вака смело, бидејќи јас не ја губам надежта на спасение, имајќи те тебе за помошник.“
Неговата жена, пак, си ја кубеше косата и се удираше по образите. Најпосле, тие стасаа до градот и ужалени влегоа во својата куќа. Настапи ноќ, и тогаш архиерејот Христов Николај, брз на помош на сите што го повикуваат, направи прекрасно чудо, какво што немало порано. Ноќе тој го извади од реката удавеното дете и го положи живо и неповредено на хорот од храмот Света Софија. Кога дојде време за утринската богослужба, еклисијархот влезе во црквата и слушна детски плач на хорот. И долго стоеше размислувајќи кој ли пуштил жена таму. Потоа отиде кај оној што го одржуваше редот на хорот и почна да го прекорува. Овој се правдаше дека ништо не знае. Но еклисијархот го прекоруваше:
„Фатен си на дело, зашто деца врескаат на хорот!“
Овој се исплаши, а кога пријде виде дека катанецот е недопрен и слушна детски глас. Кога се качи на хорот, тој здогледа пред иконата на свети Николај детенце, сето накиснато од вода. Не знаејќи што да мисли, го извести за ова митрополитот. Откако отслужи утрена, митрополитот испрати да го повикаат народот на плоштадот и да прашаат чие детенце лежи на хорот во црквата Света Софија. Сите граѓани отидоа во црквата, чудејќи се од каде би можело да се најде на хорот дете мокро од вода. Дојде и таткото на детето да го види чудото, и штом го здогледа, го позна. Но не верувајќи си себеси, тој отиде кај својата жена и i раскажа сè по ред. А таа веднаш почна да го прекорува, велејќи:
„Та како не разбираш дека е тоа чудо направено од свети Николај!“
Мајката веднаш отиде в црква, го позна своето дете и пред и да го допре, падна пред иконата на свети Николај и го молеше со умиление и солзи. А мажот, стоејќи подалеку, ронеше солзи. Штом слушнаа за тоа, сите дојдоа да го видат чудото. И се собра сиот град, славејќи Го Бога и светителот Николај. А митрополитот приреди чесен празник, каков што се прави на денот на празнувањето на свети Николај, и Ја прославија Пресвета Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.