ЗА ДОЛЖНОСТИТЕ НА СОПРУЖНИЦИТЕ

Објавено на 23.8.2017 15:07:05

Свети Тихон Задонски

Мажот и жената треба доброволно да стапат во брачна заедница. Затоа свештеникот ги прашува на брачниот испит и на венчанието некој да не ги присилил или измамил да ја склопат брачната врска. Нема и не може да има цврст брачен темел без взаемна согласност на брачниците. Голем грев носат на својата душа оние свештеници кои знаеле за оваа пречка, па сепак ја извршиле Светата Тајна брак. Ова е и најчестата причина за сите семејни несреќи. А, ако правилно стапиле во брак, тие се должни да ја пазат брачната верност до крајот на својот живот. Не треба да ја остава ни мажот својата жена, ниту жената да го остава својот маж, зашто дале свечена заклетва дека ќе живеат заедно се до својата смрт во неразделна брачна заедница. Овде треба да се нагласи дека основата на љубовта во бракот треба да биде добродетелта, а не телото и телесната страст.
  Ако мажот во текот на заедничкиот живот забележи недостаток кај својата жена, нека се потруди внимателно да ѝ го посочи тоа, а жената е должна начинот на својот живот да го сообрази со животот и со желбите на својот маж. Исто така, ако жената забележи кај својот маж нешто што не чини и таа е должна внимателно да му го предочи тој недостаток, а тој е должен да ја послуша. Ова е патот што води до искрената и цврста љубов, на која како на најцврст камен може да се изгради брачната љубов и брачната среќа. Кој оди по овој пат на добродетелниот живот, ќе биде награден со секаков успех, напредок на породот и Божјиот благослов ќе почива на него.
  Има мажи и жени, кои, под изговор на воздржување, се оддалечуваат еден од друг подолго време. Но ова е многу опасно, зашто место воздржувањето – може да настане голем грев, да се случи прељуба на едниот или на другиот брачен другар. Ако мажот ја остави својата жена, а жената греши со друг човек, мажот е виновен за овој грев, зашто тој е причинителот на нејзиниот грев. Исто така, ако жената го остави својот маж, а мажот згреши со друга жена, таа е виновна за гревот на својот маж од истата причина. Свети апостол Павле им ги упатува овие зборови на оние што живеат во брачна заедница: "Жената не е господарка на телото свое, туку мажот; исто така и мажот не е господар на телото свое, туку жената. Не одделувајте се еден од друг – освен по договор за некое време, за да постите и да Му се молите на Бога; и пак состанете се за да не ве искуша сатаната, поради вашето невоздржување. Ова, пак, ви го велам како совет, а не како заповед" (1Кор. 7, 4-6). Јасно е што сака апостолот да каже, но сепак, ова треба да се нагласи: никогаш не треба да се заборави христијанското достоинство, верата во Бога, молитвата и причестувањето со Светите Тајни. Ова треба да го имаат на ум особено свештениците и ѓаконите. Во бракот не треба да се живее како што живееле јазичниците, зашто таквиот начин на живеење воопшто не им прилега на христијаните. Затоа светиот апостол ги поучува оние кои живеат во брак: "Да не ве искуша сатаната, поради вашето  невоздржување" (1Кор. 7,5). Мажот не треба да се однесува со својата жена како со робинка, туку како со своја мила помошничка; но жената треба да му биде послушна на својот маж. Ова се зборовите на светиот апостол Павле: "Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа" (Ефес. 5,22). И уште: "Жената да се бои од мажот свој" (Ефес. 5,33). Истиот апостол на друго место вели: "Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како што прилега во име на Господа" (Кол. 3,18). Среќата во бракот зависи од особините на сопружниците: ако се добри и чесни, ако се сложуваат, во нивниот дом ќе царува мирот и радоста. А од оваа среќа нема поголема. Светиот цар Давид извикува: "Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно!" (Псал. 132,1). Но бидејќи ѓаволот, непријателот на човечките души, настојува да ги разори љубовта и сојузот на взаемното разбирање, мажот и жената се должни да си ги проштеваат случајните грешки и со љубов да си ги поднесуваат недостатоците на својот брачен другар. Само така можат да бидат запазени мирот и слогата во брачниот живот. Ако е само едниот од сопружниците украсен со христијански добродетели, нему му престојат страдања и тежок крст. Негова должност е да се вооружи со трпеливост, да го трпи злото и да го победува. Минатото ни говори дека многу жени ги навеле своите мажи на грев и ги одвеле во пропаст. Мажите се должни да им забрануваат да го прават сето она што не е добро, а особено да не дозволуваат да ги задоволуваат сите нивни желби и сакања. Ѓаволот најнапред ѝ пристапил на Ева, а Ева откако била измамена, го навела и Адама на грев, така што обајцата паднале во тежок грев. На истиот начин ѓаволот и сега води борба против луѓето. Тој ѝ пристапува најнапред на жената, ја придобива неа за гревот, а преку жената го придобива потоа и човекот. Човеку, биди внимателен. Не слушај ги секогаш советите на твојата жена, за да не те надвие и да стане посилна од тебе, па да почне да те води според својата волја каде што сака. Жената, ќерката на Ева, секогаш е иста. Љубовта твоја спрема твојата жена никогаш не смее да ги премине границите на Божјата волја. Според зборовите на свети апостол Павле, таа треба да има страв од тебе, а не ти од неа; таа да ти се покорува на тебе, а не ти на неа.


Прочитано 710 пати