ШТО ЗНАЧИ ИМЕТО ХРИСТИЈАНИН?
Свети Григориј Ниски
Не е бескорисно да се испитува тој назив, зашто, ако ние во точност откриеме што значи тоа име, би добиле голема подршка за добродетелен живот, грижејќи се, преку возвишен начин на живот, да бидеме навистина она, што се именуваме. Ако некој сака да се нарече лекар, оратор или математичар, тој нема да допушти преку незнаење да се изобличи лагата на тоа звање, ако во стварност не е таков, како што се именува. На истиот начин и ние, испитувајќи го називот христијанин, да ја откриеме неговата вистинска смисла и да се потрудиме на дело да го оправдаме, за да не се примени и кон нас познатиот кај многубошците расказ за мајмунот.
Се вели, дека во градот Александрија некој магионичар дресирал една мајмунка се ретка вештина да се преобразува во танцувачка и ја облекол во облека, слична за тоа искуство. Посетителите на циркусот ја фалеле мајмунката, која танцувала под тактот на музиката и ја прикривала својата природа со сѐ што вршела. Кога гледачите биле воодушевени од интересната глетка, еден духовит човек во шега, им покажал на восхитените од циркускиот настан, дека мајмунката не е ништо повеќе од мајмун! Кога сите воскликнувале и ракоплескале на вештината на животното, кое стројно танцувало под тактот на пеењето и музиката, духовитиот фрлил на сцената некои овошја, кои ја привлекле алчноста на животното. Мајмунката, штом ги видела расфрланите бадеми по сцената, без да обрне внимание на ништо, заборавајќи го и танцот, и ракоплескањата, и елегантната облека, се затрчала кон бадемите и лакомо почнала да ги собира. Бидејќи маската ѝ пречела на устата да јаде, таа се потрудила да ја отфрли, раскинувајќи го со своите нокти лажно поставениот образ. Со тоа, наместо пофалба и восхит, таа изненадно предизвикала кај посетителите смеа, кога зад раскинатата маска се појавило нејзиното бесрамно и смешно лице.
Како што за мајмунката не бил доволен лажно дадениот образ, за да биде сметана за човек, зашто алчноста за овошје брзо ја открила нејзината природа – така и оние, кои вистински не ја изградиле својата природа со вера, преку соблазнителни плодови, предадени на ѓаволот, лесно се разобличуваат, дека не е ништо друго, освен тоа, во што се разоткриваат при појава на искушение, т.е. дека се незнабошци. Наместо плодови, како бадеми, смокви и друго, ѓаволот на нивната алчност понудува честољубие, суетност, среброљубие, страст кон задоволства и други зли замки, за да ги разобличи лесно нивните души, кои се подобни на мајмуни и преку подражавање придобиваат на себе си лицемерен вид на христијанин, а по време на страст ја симнуваат од себе си маската на целомудрието, кроткоста и други такви добродетели. Името христијанин се открива и докажува во искрена служба на вистината и правдата, на мирот и љубовта, на жртвата и совршенството од страна на човекот, кој го прима и носи тоа ценето име.