Старец Јаков Цаликис

Објавено на 21.8.2017 11:48:51

Старец Јаков Цаликис


 
  +++


  Кога причестувам никогаш не ги гледам лицата на луѓето кои се причестуваат. Меѓутоа мислите понекогаш ми кажуваат да ги погледнам оние што пристапуваат кон Божествената Причест. Тогаш гледам дека некои немаат човечки, но кучешки лик, други пак имаат лик на мајмуни, или на некои други страшни животни. Боже мој, си велам, како е можно луѓето да имаат лица на животни?
  Но постојат и такви кои доаѓаат да се причестат со спокојни и весели лица и штом ќе ја примат Светата Причест, нивните лица блеснуваат како сонца.
  


  +++


  Еднаш на Светиот Дискус видов капка крв. Дури и му ја покажав на еден брат, но набргу исчезна.
  Чедо мое, луѓето се слепи за она што се случува во храмот за време на Божествената Литургија. Во една прилика, кога служев света Литургија, поради она што го видов не бев во состојба да го направам Големиот вход. Псалтот веќе неколку пати го повтори последниот дел од херувимската песна. Одненадеж почуствував како некој ме допира по рамото, потбутнувајќи ме кон Светите Дарови. Помислив дека тоа е псалтот и му реков: 
  Благословен, безбожно е што влезе низ Царските  Двери и што ме потбутнуваш!
  Меѓутоа, кога се завртев, видов еден архангел кој ги раширил своите крилја до моите рамена и со нив ме упатуваше да го извршам Големиот вход.
  Што се сѐ случува во олтарот за време на Божествената Литургија! Понекогаш не можам да издржам и морам да седнам на некој стол, додека оние со кои сослужувам мислат дека се одмарам. Тие не знаат што се случува во храмот за време на Божествената Литургија! Чедо мое, кога само би знаел колку големи крилја имаат ангелите...! Веднаш, штом свештеникот ќе возгласи, се собираат сите небески сили и во олтарот е апсолутно спокојство.
 
 
  +++


  Кога ја подготвувам Проскомидијата, пред мене гледам како поминуваат душите на оние што ги познавам и ме молат да ги спомнувам, така што дури и кога би сакал не би можел да ги заборавам.
  Кога свештеникот, одделувајќи честички ги спомнува имињата на верните за време на Светата Проскомидија, доаѓа ангел Господен, ги зема молитвите за спомнатите и ги полага пред престолот на Владиката Христос. Замислете сега колку е важно да ве спомнат за време на Проскомидијата!
  Еднаш заборавив да ја спомнам мојата упокоена мајка, која беше света жена, кога ја завршив Божествената Литургија, се повлеков во својата келија. Додека седев во келијата, дојде душата, духот на мојата мајка и натажена ми рече:
  Оче Јакове, денеска не ме спомна!
  Како тоа мајко не те спомнав? Те спомнувам секој ден па дури за тебе ја вадам и најголемата честичка!
  Не, чедо мое, денеска не ме спомна и мојата душа не е толку спокојна како другите денови, кога ме спомнуваше.
  Размислете сега колкава е користа за душите кога свештеникот ги спомнува!


Прочитано 2240 пати