ЦРКВАТА - МЕСТО НА ЧОВЕКОВОТО ОБОЖУВАЊЕ

Објавено на 07.3.2016 12:22:29

Оние кои сакаат да се соединат со Христос, со Бога Отецот преку Христа, знаат дека тоа соединување може да се оствари само во Телото Христово, а тоа е нашата Света Православна Црква. Соединување, секако, не со Божјата Суштина, но со Христовата обожена човечка природа. Меѓутоа, ова соединување со Христос не е недворешно, ниту пак морално. Ние не сме следбеници Христови како што луѓето се следбеници на некој философ или учител. Ние сме членови на Телото Христово - на Црквата. Црквата е Тело Христово, Тело стварно, а не “морално”, како што некои теолози знаат погрешно да исповедаат, не впуштајќи се во длабочините во духот на Православната Црква. Христос нé прифаќа нас христијаните и покрај нашата недостојност и огревовеност и нé вткивува во Своето Тело. Он нé прави свои членови и ние вистински, а не морално, постануваме членови на Неговото Тело. Св. ап. Павле вели: “Бидејќи ние сме членови на Неговото тело - од Неговата плот и коските Негови” (Еф. 5,30). Секако, во зависност од духовната состојба на христијанинот, тој понекогаш бива жив член на Телото Христово, а понекогаш умртвен. Но, дури и како мртов член, тој не престанува да биде член на Телото Христово. На пример, при крштевањето човекот станува член на Телото Христово, но ако не се исповеда, ако не се причестува и ако не живее духовно, тој станува мртов член на Христовото Тело. Но, наспроти тоа, штом ќе се покае, во истиот час бива проникнат од Божествениот Живот и повторно станува жив член на Христовото Тело. Не му е потребно повторно да биде крстен. Од друга страна, пак, оној кој не е крстен, не е член на Телото Христово иако водел морален живот. Нему му е потребно да го прими Светото Крштение за да стане член на Телото Христово, за да се вткиви во самиот Христос. Како членови на Христовото Тело, нам ни се дарува животот Христов и тој живот станува наш живот. На тој начин нас ни се дарува живот и ние биваме спасени и обожени, што би било невозможно доколку Бог не би не направил членови на Своето Тело. Според светите отци, нешето спасение би било невозможно без Светите Тајни на Црквата кои нé вткивуваат во Христа и нé прават еднотелесни и еднокрвни со Христос. О, колку е преголем благословот да се биде причасник со Светите Тајни! Христос станува наш, Неговиот живот станува наш живот, Неговата крв станува наша крв. Затоа св. Јован Златоуст вели дека Бог не може да му понуди на човекот ништо повеќе од она што му го нуди во Светата Причест. Ниту пак човекот може да бара нешто повеќе од она што го прима во Светата Причест. Според тоа, примајќи го Светото Крштение и Миропомазание и исповедајќи ги своите гревови, ние се причестуваме со Телото и Крвта Господови и стануваме богови по благодат. Соединувајќи се со Бога ние повеќе не сме Му туѓи, но блиски пријатели. Во Црквата, каде што се соединуваме со Бога, ние живееме во една нова стварност која Христос ја донесе на светот; стварност на новата твар. Тоа е животот на Црквата и животот Христов, живот кој станува наш како дар од Светиотт Дух. Во Црквата сé води кон обожување - Светата литургија, Светите Тајни, Божествената побожност, проповедањето на Евангелието, постот, сé. Црквата е единственото место каде се остварува обожувањето. Црквата не е социјална, културна или историска установа како и другите установи од овој свет. Таа е потполно различна за разлика од сите останати световни установи. Во светот постојат различни установи, организации, фондации и други корисни здруженија. Меѓутоа, нашата Православна Црква е единствена, бидејќи во неа е единственото место каде има заедничарење помеѓу Бога и човекот, единствено место каде човекот може да добие обожување. Човекот може да стане Бог единствено во Црквата и никаде на друго место. Тој тоа не го може ниту на универзитетите, ниту во социјалните служби, ниту во било кое друго прекрасно и добро место што светот може да го понуди. Колку и да е добро, тоа не може да го понуди она што Црквата може. Всушност и затоа световните системи и установи никогаш не можат да бидат замена за Црквата, без разлика колку и да допринесуваат за напредокот. Можно е заради нас, слабите и грешни луѓе, од време на време во Црквата да дојде до криза и тешкотија. Можно е во кругот на Црквата да дојде и до скандал. Но, тоа се случува за тоа што во Црквата сите сме на пат кон обожување и сосема природно е на тој пат да се пројават и човечките слабости. Ние не сме богови, но стануваме богови (по Благодат). Но, колку и да се случуваат такви непријатни работи, ние нема да се оттргнеме од Црквата, затоа што во неа ја имаме единствената можност да се соединиме со Бога. На пример, одиме во црква на Света Литургија и таму среќаваме луѓе кои не се внимателни на Литургијата, кои разговараат едни со други и ги вознемируваат оние околу нив и тогаш на ум ни доаѓа следната “логична” помисла која гласи: “Што воопшто добивам од тоа што доаѓам во Црква? Нели ќе беше подобро да си останам дома каде би можел сконцентрирано и во мир да се молам?” Меѓутоа, на таквите помисли мораме трезвеноумно да им се спротивставиме на следниов начин: “можеби во домот би имал повеќе надворешен мир, но не би ја имал Божјата Благодат која ме осветува и обожува. Не би го имал Христа Кој е присутен во Својата Црква, ниту пак би ги имал Неговото Свето Тело и Неговата Пречиста Крв, кои се во Неговата Света Црква, на Светата Трпеза. Не би учествувал на Тајната Вечера, Светата Литургија. Би бил одвоен од моите браќа во Христа, кои заедно со мене, го претставуваат Телото Христово.” Затоа, што и да се случи, ние нема да отстапиме од Црквата, бидејќи единствено во неа се наоѓа патот кон обожувањето. 

Архимандрит Георгиј Капсанис 


Прочитано 397 пати