ЗА ГРЕВОТ

Објавено на 09.2.2016 09:57:57

архимандрит Платон 
За разлика од многумина современи теоретичари на религијата, кои се обидуваат да најдат оправдание за гревот и го сметаат за нешто релативно, Библијата се однесува многу строго кон гревот и на него гледа како на реална трагедија во животот на човекот и светот. Во Светото Писмо историјата на човештвото започнува со расказот за гревопаѓањето на првите луѓе. Откако навлегол во светот, гревот се распространил низ целото човештво, кое почнало да живее сè по изопачено и извитоперено. Човечкиот опстанок бил подложен на сериозен испит при потопот, кој всушност е еден страшен првообраз на есхатолошката иднина. Проповедта на пророците од Стариот Завет во поголем дел се состои во изобличување на гревовите на народот и на одделни негови претставници. Светото Писмо го поврзува гревот со појавата на многу морални и онтолошки аномалии во животот на човекот и светот. Во гревот се наоѓа причината за оттуѓувањето на човекот од Бога како единствен извор на животот. Без Бога човекот е грешник, неспособен сам да се спаси, ниту пак да придобие вистинско богатство и вечен живот. Во Библијата најчесто употребуваниот термин за гревот е зборот “het” кој во превод би значел, да бидеш измамен, да не ја достигнеш целта. Додека пак во преводот на седумдесетмината зборот “αμαρτια” означува застранување од целта, грешка, пропуст. Гревот е грешка, заблуда, паѓање и застранување од вистинската цел. Во својата суштина тој е нечесност, неблагодарност, неисполнет долг, неверство, невоздржаност, или општо кажано - нечистота, безчестие и несправедливост. По однос на луѓето, несправедливоста е бунт кон големата Божја милост. Тоа се гледа и од историјата на св. цар Давид кој “... го пренебрегна зборот на Господа, извршувајќи зло пред очите Негови? Урија Хетеецот го порази со меч, жената негова ја зеде за своја жена, а него го уби со амонитски меч;” (2Цар.12:9). Царот мислел, дека неговиот однос кон човекот, кој дури и не бил израилец, не е тежок грев пред Бога. Тој не очекувал, дека Бог ќе ја бара правдата своја за секој човек. Светото Писмо не поучува дека секоја несправедливост кон било кој човек е грев кон Бога, затоа што Бог го пројавува Своето присуство и Своето дело во животот на секој човек. Скриената длабочина на ирационалната и темната сила на гревот се открива со целата своја драматична автентичност во случувањата од Новиот Завет, каде што се содржи недостижната тајна на искупителната смрт на Господ Исус Христос, Кој врз Себе ги зема гревовите на светот. (Јован. 1:29). Со Своето воплотување Синот Божји дошол во сверата на помраченото и затруено од човечкиот грев битие. Светите Евангелисти не еднаш ни го покажуваат Господа Исуса Христа помеѓу грешници. Исто како и пророците, Христос ги изобличувал гревовите на своите современици, а посебно на оние кои себе си се сметале за праведници, а срцата им биле исполнети со “зли помисли” (Марк.7:21). Со Своето учење и дела, Христос покажа непомирлив однос кон гревот, чија смртоносна сила ја разруши со своите искупителни страдања. Како победител над гревот, Христос има власт да ги простува гревовите на луѓето, примајЌи ги грешинците кои се каат, благословувајќи ги нивните намери да започнат нов живот. Кога Својата спасоносна служба им ја поверил на апостолате, а преку нив и на пастирите на Црквата, Христос им дал власт да ги проштеваат гревовите на луѓето. Според св. ап. Павле, Христовата победа над гревот се распрострела низ целото човештво и над секој конкретен човек, кој бара оправдание преку верата во Христа и св. Крштение, станувајќи “нова твар” (2Кор.5:17), откупен од власта на гревот. Затоа Светото Писмо гледа на гревот како на повреда и аномалија, која произлегува од отпаѓањето на човекот од Бога. Но преку Синот Божји Кој му одолеа на искушението, гревот треба да биде изкоренет од животот на човекот. Паднатиот и грешен човек кој се раѓа духовно во Христа, пребива во духовна слобода, која од своја страна станува гаранција за неговото причестување кон идеалната полнота на битието. 


Прочитано 541 пати