Современите информатички технолигии и Црквата

Објавено на 10.6.2015 13:35:45

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,

Ваше Високопреосвештенство, почитувани отци, браќа и сестри во Господа!

Пред да започнам најпрво би сакал да ја изразам мојата благодарност кон Неговото Високопресвештество, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, за доверената чест и благослов, токму јас денес да говорам за темата што ни се наметнува во секојдневниот живот – Црквата и новите технологии.

Секоја цивилизациска епоха носи свој крст, со којшто таа се идентификува. Тој крст во исто време ја чини особена и различна, или ја надоврзува и ја прави сличнa со претходните епохи. Такa и 21-от век, носи безброј прашања, проблеми и недоумици, кои ги поставува пред современиот човек како своевидни задачи кои тој треба да ги реши.

Учествувањето и присуствувањето во светот на бинарната цивилизација, всушност е наше потполно отсуство од секојдневниот свет, па тогаш и од Црковниот живот.

Наводно друштвен свет, а во суштина асоцијален. Колективен, а всушност индивидуален.

Мобилните телефони, телевизијата, рекламите, друштвените мрежи, видео игрите стануваат модус на нашето постоење, па примаат онтолошки димензии. Ние сме им потполно посветени.

Бинарната цивилизација фалсификува Црковен начин на постоење. Повикува на заедница, активност, ги поместува границите на просторот и времето, започнува идеја на електронска Црква, а тоа се може да ги поткопа темелите на Нашата изворна Црковност – несомнено ова е предизвик за нас современите Христијани.

Во еден напис на тема „Православни мисионери“ забележав дилема „кандило или компјутер“, но со тек на времето тоа се претвора во тврдење „и кандило и компјутер“ , затоа што Црквата никогаш немала отпор кон информатичката технологија, наместо тоа имала потврдно - критички став кој сеуште го негува.

Но, ако некои технолошки имплементации се закануваат да ја поткопаат човековата слобода и интегритет, Црквата е должна да реагира.

Од социјалните мрежи присутни на Интернет ќе ја издвојам најпознатата и најпосетената „Facebook“ која претставува своевиден феномен во интернет просторот и заслужува особено внимание, не само заради бројот на корисници кои во моментов изнесува околу (милјарда и четиристотини милиони), туку и заради концептот на виртуелно „заедничарење“ кој е особено привлечен за модерниот човек пред се заради тоа што нема подвиг, ниту некаков напор во однос на комуникацијата со другите.

Овој начин на комуницирање претставува дефиниција за комуницирање во денешниот свет, но во исто време тој начин е сериозна закана на егзистенцијален план. Зашто таму каде што во меѓусебните односи го нема искуството на Крстот, таму Го нема ни Бога.

Луѓето не можат да имаат општење помеѓу себе, заедница, единство, без да се соединети со Оној Кој е Заедница и Единство.

Пред кои предизвици на глобализацијата се наоѓаат членовите на Православната Црква во современиот свет и какви решенија постојат за мисијата на Црквата?

Прво да разјасниме зошто Црквата воопшто би ја заинтересирала проблематиката на информативното општество?

Одговорот е сосема едноставен: Затоа што е суштински заинтересирана за човекот со сите негови димензии.

Православната Црква не учи дека во Вечноста не влегуваат институциите, туку конкретните човечки личности.

Човекот е дел од сите друштвени системи и ниедно општество , па и информативното не може да постои без него. Треба јасно да се каже дека Православната Црква има афирмативен однос кон информативното општество.

За тоа ни зборува и фактот дека современите Христијани, а меѓу нив и свештенослужителите, и тоа како ги користат информативните достигнувања во секојдневното работење.

Дали следниот чекор е електронска Црква?

Во западното Христијанство веќе постојат виртуелни парохии, а нивното формирање се бара и кај Православните христијани: од стотина млади верници на Бугарската Православна црква, било побарано да се направи виртуелна парохија на нивниот Православен храм во интернет проект „Втор живот“.

Овој концепт, сепак е најголемиот можен неуспех. Целата приказна за електронска Црква е навистина иронична и со ниско ниво на црковна свест и неразбирање на суштината на Црквата. Со оглед дека во виртуелните парохии верниците можат да се информираат за црковниот живот, но самиот живот им тече празен, затоа што виртуелно не можат да се причестат.

Добро би било на секој православен сајт да се нагласи повикот од Евангелието според Јован „Дојди и види“. Со тоа јасно се дава до знаење дека примарната цел во Црковната заедница е живиот физички контакт. Таа порака е симболична, ама премногу важна.

Ние како свештеници постојано треба да истакнуваме дека правото знаење не е информирањето, туку познавањето на Бога и Он не е надвор од молитвата и Светата Литургија.

Свештеникот ги собира своите духовни чеда на Skype, парохискиот свештеник е достапен на Facebook, молитви на андроид. Ништо необично. Дел од Црковниот живот се пресели на интернет. За верниците, тој стана не само место за информации, но исто така и место за средба, виртуелна заедница. Виртуелната средба може да не приближи, ама не може да ни подари искуство од средба со Христа. Тоа во потполност се добива со влезот во Црковниот живот – низ Литургијата, подвигот, молитвата ...

Едно е да се добие информација за Христа и Црквата, а нешто сосема друго е да се стане дел од тоа.

Навистина, не би можело да се заклучи поелегантно признание за ограниченоста во доменот на науката и технологијата кое го изнесе еден од креаторите на Интернетот, Џон Гејџ.

Тој го употребува Интернетот секојдневно, но и многу често патува. Причината за неговите чести патувања е секогаш желбата за средба, познанство „лице во лице“. Тој вели „Понекогаш ќе се излажам и ќе помислам дека ги разбирам луѓето. Но, потоа, кога ќе ги сретнам, гледам дека воопшто не сум ги разбрал“. Тоа што творецот на Интернетот не им подлегнува на искушенијата, гордоста и индивидуализмот ни дава надеж дека милионите корисници на Интернетот ќе го следат однесувањато на самиот креатор.

Како да апелираме на Христијанска одговорност на младите, кои се повеќе се одлучуваат да бидат оттуѓени актери на виртуелни интернет собири, отколку активни литургиски членови на Црквата? Единствено со развивање на здрава Литургиска свест.

Ние како свештеници на Нашата Македонска Света Климентова Црква сме најважната карика – Господ Исус Христос е тој кој ги повикува луѓето, а ние свештениците мораме да дадеме се од себе за да во подвижничкиот – литургиски живот, од својата парохиска Црква почуствуваат „Очев дом“  и да го пронајдат својот идентитет.

Врз основа на изнесеното, се наметнува заклучокот кој извира од самото светоотечко искуство дека секоја општествена појава и цивилизациски тек, мора критички да се преиспита преку литургиска лупа и да се измери преку Христовиот ум.

Верноста кон Светото Предание воопшто не не обврзува да одбиваме или осудуваме се што е ново и современо, само заради тоа што е ново и современо, туку таа бара од нас да ги почитуваме зборовите од Првото послание на апостол Јован 4,1 каде што се вели „да ги испитуваме духовите дали се од Бога“ .Тука во суштина се отвараат можностите за употреба на разновидните достигнувања на човечкиот разум, човечката креативност и знаење – се во слава на Бога.

Имитацијата на животот и паралелната реалност какви што ни ги нуди интернетот, се сосема туѓи во духот на Црквата, преносот во живо никако не може да се надомести во заедничарењето на Св. Литургија, Исповедта ја губи некако смислата ако е во електронска форма, а не во директен разговор со свештеникот.

Тоа не значи дека Црквата треба да се откаже од новите технологии, напротив Таа треба да ги користи предностите за да се олесни мисијата на Црквата.

Интернетот може да ни помогне, луѓето да ги информираме за литургискиот живот како што тоа го прави Нашата Повардарска Епархија, која е меѓу првите со функционален веб сајт кој редовно не известува, поучува и информира, а искуството од животот со Христа се стекнува непосредно.

Технологиите не се цел за себе и знаење за себе, тие треба да му послужат на човекот во неговото спасение. До оваа точка информациските технологии можат многу да помогнат со цел за ефикасно и брзо информирање, но тоа е само првиот чекор, Претеча на она што е клучно; а тоа е повторното пронаоѓање на човечката целовитост, неговиот интегритет, неговиот идентитет, преку Христа и во Христа, преку живо и активно учество во подвижничко - литургискиот живот на Црквата Божја. Амин!

 свештеник

Русе Жекоски


Прочитано 919 пати