Царот и пастирот

Објавено на 23.8.2017 15:12:35




 
Во некоја далечна земја си живеел еден цар кој во својата длабока старост се загрижил и запрашал:
-Ете, - рекол тој, - јас во својот живот го вкусив секое задоволство и нема нешто што не сум го видел. Остана само едно нешто не спознаено во мојот живот. Го немам видено Бога. Сакам да го видам! – Ги повика своите големци, мудреци и свештеници и им рече: 
-Ако не ми го покажете Бога, ќе ви ги одземам почестите и строго ќе ве казнам.
Им даде време од три дена, за да му го покажат Бога. Во дворот завладеа грижа и сите дворјани размислуваа со наведнати глави. На третиот ден, точно на пладне, царот ги повика.
Молчеа пред царот големците, мудреците и свештениците, а само царот грмеше со страшни зборови. Во тој час пристапи еден пастир и му рече на царот:
-Дозволете ми мене да ви ја исполнам желбата царе!
-Добро, – одговори царот, - само внимавај, си играш со главата ако не ми одговориш!
Тогаш пастирот го изведе царот во дворот и покажувајќи му го сонцето му рече:
-Гледај царе!
Царот ја подигна главата, сакаше да гледа, но светлите зраци од сонцето му светеа право во очите, така што тој ја наведна главата и ги затвори очите.
-Што сакаш? Зарем сакаш да ослепам?! – му се развика царот на пастирот.
-Господару, - одговори пастирот, - па тоа е само едно од делата Господови. Многу мал зрак на големината Негова, мало огниште кое гори со Божествен пламен. Како ќе му пристапиш и ќе ја видиш големината Негова со своите слаби и насолзени очи?
Ова му се допадна на царот и тој му рече на пастирот:
-Гледам дека си мудар и паметен и го ценам твоето објаснување. Одговори ми на уште едно прашање: Што имало пред Бога? Пастирот размисли па му одговори:
-Те молам, господару, не се лути, туку почни да броиш.
Царот започна: -Еден, два, три...
-Не, не, - го прекина пастирот, - не така, почни да броиш од пред еден! 
-Како е можно тоа? Пред еден нема ништо.
-Ете, гледаш и самиот, господару! Така и пред Бога немало ништо.
Ова уште повеќе му се допадна на царот и му рече на пастирот:
-Богато ќе те наградам, ако ми одговориш и на третото прашање: Што прави Бог?
Пастирот гледајќи дека омекна срцето на царот му рече:
-Добро, ќе ти одговорам и на ова прашање. Но претходно исполни ја мојата молба. На кратко да си ги промениме алиштата! –И царот се облече како пастир, а пастирот како цар.
Тогаш пастирот се качи на царскиот престол, го зема во раце скиптарот и покажувајќи доле кон збунетиот цар, рече:
-Еве, што прави Господ! Едни ги воздигнува на престол, а другите ги спушта и симнува доле! –Потоа се симна пастирот и си ја облече својата пастирска облека.
Царот се замисли, длабоко во душата му се врежаа овие зборови и восхитен радосно извика:
-Ете, сега го гледам Бога!


Прочитано 2480 пати