Мајчинството како начин за спасение на мајките

Објавено на 11.10.2017 08:29:26


 

 

  .....но, ќе се спаси преку раѓање деца.

  (1.Тим. 2,15)

 
Раѓањето на деца е природна појава, барање на природата, она што е заедничко за човекот и за животните. А сепак, апостол Павле говори за жената дека таа се спасува преку раѓањето деца, односно преку раѓањето деца може да Му угоди на Бога и да добие блаженство во идниот живот. Па, тогаш, поради што таа добива таква награда, кога раѓањето деца само по себе, како дар на природата, не е ниту добродетел, ниту заслуга?
Меѓутоа, не малку примери има каде што мајките станале среќни преку своите деца и на повеќето такви примери укажува случувањето на празникот Рождество на Богородица. Во Назарет живеело едно еврејско семејство кое се состоело од маж и жена; нивните имиња се Јоаким и Ана. Тие немале деца и можеби би умреле како непознати, како и другите Евреи, кои Го чекале Месијата – Христос. Но, после педесет години неплодност, Ана родила ќерка – преблагословената Марија, со чие раѓање не само што таа добила спасение, туку послужила и како почеток на нашето спасение.
Па, како раѓањето на деца постанува средство за спасение на мајките? На ова апостолот одговара: ”Ако остане во верата и љубовта и во светоста со чесност.“
Првобитно, воспитувањето на децата почива на обврската на мајката; а воспитувањето треба да биде исклучиво во духот на верата и христијанскиот морал. А како мајката ќе ги упати во верата своите деца, на кои молитви ќе ги научи, кога ни таа самата не верува или не знае во што треба да верува?
Може ли да ги утврди децата во правилата на христијанската љубов, онаа мајка која нема чиста љубов ниту кон мажот, ниту кон домашните, ниту кон ближните, која, ако и ги сака децата, тогаш ги сака со животинска љубов, во смисла на нивното доење, хранење и чување на нивното здравје?
Може ли мајката да всади во нивните срца чувство на срам и гнасење кон сѐ што е за осуда, кога таа на сѐ гледа лекомислено, мисли само на задоволства и забави, дозволува дури и постапки кои се осудуваат во секое честито општество и неизбежно се предмет на раздори и искушенија во нејзиното семејство? Искушенијата се заразни, но мајката за децата е неодолива. Но, како што понекогаш се говори дека лошите навики се впијуваат со мајчиното млеко, така е и со добрите навики,  кои длабоко се вкоренуваат во душата уште од младоста. Татковците и мајките треба и самите да бидат добри, да веруваат, да имаат многу љубов во себе, да бидат чесни, за да ги воспитаат децата слични на себе, очекувајќи награда за себе за нивното воспитување.
Зошто Јоаким и Ана се удостоиле да бидат родители на Пресвета Богородица? Затоа што биле праведни и благочестиви. Тоа што не можеле да имаат деца за нив претставувало тешко искушение. Но, нивната вера не ослабнала: тие се молеле за исцелување на неплодноста, не една година, не две години, туку педесет години.
Еднаш Ана случајно во градината на дрво здогледала гнездо и во него птици кои се покривале со крилјата. Се растажила што птиците небески се тешат со дечиња, а таа не знае за ваква утеха. На нејзино место, некоја друга жена би започнала да ропти на Божјата Промисла, но Ана во тој момент се обратила со солзи и со молитва кон Бога: ”Господи, Господи! Ти го знаеш понижувањето од бездетноста. Самиот Ти исцели ја болеста на моето срце и бидејќи неплодна, покажи ме плодна.“Тогаш ѝ се јави Ангел Божји и ја извести дека наскоро ќе постане мајка. А тоа дека таа и нејзиниот маж биле добродетелни луѓе, доволно го покажува обичајот кој го почитувале, а тоа е дека од сѐ што имале во изобилие, еден дел давале за црковна употреба, а друг за сиромашните.
Ако духовниот живот сам по себе е угоден на Бога, што може да придодаде на неговото достоинство, раѓањето на деца? Сѐ зависи од нивното воспитување. Родителите, иако добри, можат да потпаднат под страшна одговорност поради негрижа за своите деца, поради нивната расипаност, поради негрижа за нивното исправување, каде што за пример ни е даден во судбината на првосвештеникот Илија, така, напротив, оние родители, на кои не им биле туѓи гревовите од младоста, сепак се труделе “да ги подигаат децата свои во науката и стравот Господов” (Ефес. 6,4), да подготвуваат од нив не само корисни членови во општеството, туку, според изразот на Златоуст (во Беседи на 1.Тим.), “Христови борци”, така што преку ова придобиваат за себе и голема утеха на земјата, и награда на небото.
За одговорноста кон децата говори древната изрека: ”Подобро е да умреш без деца, отколку да имаш чедо нечесно“ (Сир.16,40). А децата, воспитани во побожност, се најтопли, и можеби најуспешни молитвеници за своите покојни родители.
Всушност, раѓањето деца никако не е средство за спасение, заедничко за сите. Ќе се спасат и девствениците, ако ја сочуваат својата чедност и останат целомудрени. Знаеме за вдовиците кои ”Му служеле на Бог и ден и ноќ со пост и молитва” (Лк.2,37). И сите безбрачни и бездетни можат да Му угодуваат на Бог преку воспитување на туѓи деца, закрилувајќи ги сирачињата и преку други добри дела.
Патот на спасението на секого е отворен: оди и спасувај се.

Архиепископ Сергиј Одески


Прочитано 3808 пати