Сеќавај се на две помисли и плаши се. Едната ти вели: "Ти си свет човек", а другата: "Нема да се спасиш." И едната и другата доаѓаат од ѓаволот и не се вистинити. Ти мисли вака: "Јас сум голем грешник, но Господ е милостив и ги сака луѓето и Он ќе ми ги прости гревовите."
Така верувај и Господ ќе ти прости. Немој да се надеваш на твоите подвизи, дури и ако, многу се подвизуваш. Еден подвижник ми велеше: "Сигурно ќе се спасам, зашто секој ден правам толку метании."Меѓутоа, кога дојде смртта, ја растргна кошулата која ја имаше на себе.
Спрема тоа, Бог нас не нè милува поради нашите подвизи, туку единствено по Својата благост. Господ сака душата да е смирена, незлобива и на сите со љубов да простува. Тогаш, и Господ ќе прости со радост. Господ сите ги сака и ние треба да Го подржуваме, и сите да се сакаме. Ако сме немоќни, да Му се молиме на Господ и Он нас нема да нè одбие, туку ќе ни помогне со Својата благодат.
+++++
Уште кога бев како послушаник, ја спознав љубовта Божја. Таа е наопислива. Душата чувствува дека е со Бога и во Бога. Духот се радува во Господа, иако телото изнемоштува од Божјата благост. Но, оваа благодат може да се изгуби и за само една нечиста помисла.
Со нечистата помисла во нас влегува демонската сила, и душата се помрачува, па ја мачат зли мисли. Човекот тогаш ја чувствува својата погибел и согледува дека без благодатта Божја, тој е грешна и немоќна земја.
+++++
Душата која Го спознала Господа преку долг опит, сфаќа дека човекот, макар и во мала мера, сепак ја чувствува благодатта во себе и има слобода во молитвата доколку живее по заповедите. Меѓутоа, ако, макар и со една помисла согреши, а нема да се покае, благодатта ќе се сокрие и душата ќе тагува, плачејќи пред Господа.
Душата води борба со помислите цел живот, но ти немој да го затскриваш духот поради таа борба, зашто Господ ги сака храбрите борци.
+++++
Годеливата душа ја мачат зли мисли. Се додека човекот не постане смирен, нема да има мир од нив. Кога нечисти помисли ќе те нападнат, повикај кон Бога, како Адам: "Господи и Создателу мој, Ти гледаш како нечисти помисли ја растргнуваат мојата душа... Помилуј ме." И кога стоиш пред Владиката, запомни дека Он ќе ги исполни сите твои молби, доколку се корисни за тебе.
Надојде бура, го сокри сонцето и падна мрак. Така и поради една горда помисла, душата ја губи благодатта и ја обзема темнина. Но, исто така, заради една смирена мисла, повторно доаѓа благодатта. Ова сам на себе го почувствував.
Превод:
свештеник Љупче Миланов