Големата наука

Објавено на 26.6.2015 10:00:57

Додека сме овде на земјата, треба да знаеме како да водиме борба со демоните. Најтешко е да се умртви телото заради Бога и да се победи самољубието.

За да се победи самољубието, потребно е постојано да се смируваме. Тоа е голема наука, која набргу ќе ја совладаш.

Потребно е да се сметаш себе си за најлош од сите и да се осудиш за во адот. Така се смирува душата и стекнува покајнички плач, од кој се раѓа радост. Добро е да ја навикнеш својата душа да мисли: "Ќе горам во адскиот оган." За жал, малкумина ова го разбираат. Многумина очајуваат и пропаѓаат. Нивната душа подивува и повеќе не сака ниту да се моли, ниту да чита, ниту, пак, да мисли за Бога.

Треба самите себе да се осудиме во душата. Сепак, не треба да се очајува, туку да се надева на милоста и љубовта Божја. Треба да се стекне смирение и скрушеност на духот, и тогаш ќе заминат сите помисли. Тогаш и умот ќе се прочисти. Но, за ова треба да ја познаваме својата мера, да не ја преоптеретиме душата. Испитај се себе и одреди подвиг, погодно за своите сили.

 

+++++

Не се сите души подеднакво силни: едни се цврсти како камен, а други – слаби како чад. Горделивите души се слични на чадот. Како што ветарот го носи чадот на сите страни, така и ѓаволот  ги влече нив  каде што сака. Тоа е затоа што или немаат трпение, или ѓаволот лесно ги измамува.

Смирените души ги чуваат Божјите заповеди и стојат непоколебливо во нив, како карпа во море, од која се удираат брановите. Тие се предале на Божјата волја и со умот Го созерцуваат Бога, додека, пак, Бог им ја дава благодатта на Светиот Дух.

Оној кој живее по заповедите, в секој момент ја чувствува благодатта во својата душа. Има, пак, луѓе кои не ја забележуваат кога таа доаѓа.

 

+++++

Кој ја спознал љубовта Божја, вели: "Не ги исполнив заповедите."Иако деноноќно се молам и се трудам што повеќе добра да направам, сепак заповедта за љубовта кон Бог не ја исполнив. Само во ретки моменти успевам да ја исполнам заповедта Божја. Но, душата би сакала цело време да пребива во љубов. Кога во умот ќе навлезат споредни помисли, тогаш се мисли и за Бог и за некои други работи – тоа значи дека заповедта за љубовта кон Бог со сиот ум и со сето срце не е во целост исполнета. Меѓутоа, кога целиот ум е во Бога и нема други помисли, се исполнува првата заповед, така што, повторно не е во целост.

Љубовта кон Бога може да биде различна. Кој се бори со нечисти мисли, донекаде Го љуби Бога. Оној кој се бори со гревот и Го моли Бог да му помогне да не греши, но по својата немоќ, се уште паѓа во грев, па се кае и тагува заради тоа – има благодат во длабочината на душата, но, страстите, се уште не ги победил. Кој ги победил страстите, повеќе не се бори, но на сите можни начини се чува себе си да не падне во грев. Таквите луѓе имаат голема благодат која јасно ја чувствуваат во себе. Оној која ја чувствува благодатта и во душата и во телото, постанува совршен. Ако ја сочува благодатта, ќе му се освети и телото, од кое, по смртта,  ќе останат мошти.


Прочитано 912 пати