За страдањето на децата

Објавено на 22.6.2015 20:22:53

  За ова преподобен Григориј го праша блажениот Нифонт (епископ кипарски),говорејќи:
“Еве, оче мој, гледам дека од лути болести страдаат и децата; каков грев тие направиле? Како да сфатиме, поради што нив ги поразува Бог?“
  Блажениот Нифонт одговорил: “Кога ќе се умножат човечките гревови и кога човечката злоба веќе ќе постане неизлечива, тогаш Господ ги зема при Себе нивните деца и испраќа на нив многу и тешки болести, за да ги вразуми нивните родители. Зарем тогаш, кога го гледаат измачувањето на своите деца, кои не згрешиле, нема да се уплашат, зарем нема да се обратат кон покајание? Зарем тие нема да повикаат: Тешко на нас, грешните, зашто поради нашите безаконија се мачат незлобивите дечиња! Што ќе се случи со нас, грешните, во страшниот ден на Второто доаѓање Господово? Ако, кога ќе го видат тоа, родителите не се покајат и поправат, туку продолжат да живеат во претходното безбожништво, тогаш ќе бидат изложени на уште поголемо, страшно мачење, зашто биле казнувани, а не се вразумиле. На оние деца, пак, кои тука пострадале и биле мачени за да нивните родители се обратат кон покајание, Господ ќе им даде нераспадливи венци и почести во вековите на бесконечниот живот во Царството Небесно.“
  “Но, свети оче“, рекол на тоа преподобен Григориј, “во Писмото, ете, речено е дека секој ќе добие според своите дела, а не е речено дека ќе прими – поради гревовите на другиот“.
  Блажениот Нифонт одговорил: “Милосрдниот Господ ја гледа скаменетоста на човечкото срце и неговата неразумност, зашто многумина, кои се на земјата, заради славољубие прифаќаат на себеси големи напори, роптаат на Бога и во својата ожалостеност дури ја призиваат и смртта, но не се каат за своите гревови и не се грижат за своите души. Од таа причина, Господ преку разни неволји ги казнува како децата, така и самите родители, за преку детската болест да се исчистат родителските беззаконија и самите родители да се поттикнат на покајание, па преку тоа да се оправдаат на Страшниот Суд. Според тоа, сине мој, знај дека дечињата кои се без грев, страдаат затоа, за со својата прерана смрт да задобијат непропадлив вечен живот, а нивните родители, поради нивните страдања, да бидат удостоени со целомудреноста на вистинското покајание.“


Прочитано 941 пати