ЦВЕТНИЦИ

Објавено на 24.4.2016 20:35:22

проповед произнесена во храмот

Св. Кирил и Методиј - Гевгелија

на Цветници  2016 Лето Господово

 

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, АМИН!

 

            Црквата Господова, тој Кораб на спасението, нашето мирно пристаниште во животот, еве полека но сигурно веќе се движи кон најголемиот настан во историјата на целото човештво, се движи кон Празникот над сите празници и кон Торжеството над сите торжества, кон Преминот на целото човештво од гнилежност во нераспадливост, кон настанот на Пасхата Господова - Светлото Христово Воскресение.

            И не случајно денес на богослужението ги слушнавме тие радосни извици, и не случајно денес кога се потсетуваме на настанот на славното влегување Господово во Ерусалим, стана сѐ што дише, и старо и младо, за да го прослави Учителот од Назарет: децата повикуваат, децата прославуваат и пеат, возрасните мафтаат со палмови гранчиња, а Он Скромен, со наведната глава, јава на осле. Сите заедно се радуваат и го прославуваат Небесниот Цар со старозаветниот поздрав, со кој што Евреите им се обраќале само на царевите: „Оссана, благословен е оној што доаѓа во името на Господа! Оссана во височините“, а Он пак, со своето смирение, предизвикува чудење кај присутната толпа, која што во Него не Го позна Небесниот Цар туку земниот. Сета вселена, па и ние денес, Му пееме на Твоето име Севишни, а Ти пак, гледај, плачеш за Лазара и за Ерусалим, но не за овој во кој што влегуваш денес, туку за оној вечниот што на сите нам нѝ го откриваш за навек!

            Влегувањето на Христа во Ерусалим, исто како и многу други настани од Неговиот живот беа пророкувани уште во Стариот Завет од пророците, а овој пак од пророкот Захариј, кој вели: „Ликувај од радост, ќерко Сионова, воскликнувај, ќерко ерусалимска; ете, Царот твој доаѓа при тебе, праведен и со сила спасителна, кроток, седнат на осле, рожба на подјаремица; тогаш ќе ги истребам колите на Ефрема и коњите на Ерусалим, и ќе се скрши убојниот лакот; и Он ќе објави мир на народите, и царството Негово ќе се протега од море до море и од реките до краиштата на земјата“ (Зах. 9 глава 9-10 стих).

Овој историски настан е единствениот случај во животот на Нашиот Спасител, кога Тој смислено, на најголемот степен што бил возможен се обидел да Го привлече вниманието на целото тогашно општество. Овој исклучителен момент е посведочен и од четирите евангелисти, нешто кое што исто така го потцртува неговото внимание и важност.  

Преку настаните од овој ден, Христос значително се разоткри Себе си помеѓу народот како долгоочекуваниот Цар - Месијата. И сето ова, повторно намерно се случува само четири или пет дена пред Неговата смрт, за да можеме сите јасно да ја видиме дволичноста и омразата на неговите непријатели, кои беа помеѓу народот во лицата на старешините и книжниците, и кои немаа потреба да испраќаат луѓе за да го бараат Исуса каде е, затоа што Го видоа како јавно влегува со своите ученици и апостоли со голема слава во големиот град.

Што е тоа што го поттикнало народот да повикува: Оссана? Што е тоа што се случило пред нивните очи, та сите во еден глас да слават? Се случило најголемото чудо, драги браќа и сестри, чудо, какво што никој дотогаш не беше видел, огромно и невидено чудо, кога Христос Господ го воскреснал Лазара од гробот, кога четвородневниот мртовец, кој што бил веќе замирисан, и од кого веќе сите се беа простиле, Христос го повикува да излезе од гробот, обвиткан во погребните пелени. Неговиот другар, братот на Марија и Марта, за кого нашиот Бог просолзи, еве го воскреснат како предобраз на општото воскресение стои пред сите нас, кои го слушавме внимателно Евангелието, и нѐ потсетува дека „каде што Бог ќе посака, таму се победува и поредокот на целата природа“. За Вистинскиот Дародавец не беше тешко да каже: „Лазаре, тебе ти велам излези од гробот“, зашто пред тоа Он тоа го направи и со Јаировата ќерка и со синот на Наинската вдовица, но ѝ беше тешко на човечката природа на Господа да го прифати фактот, дека ќе биде предаден, измачуван, осуден и убиен, од истите овие кои сега немо стоеја пред најголемото чудо, па затоа и плачеше за овој народ.

Тој, Дародавецот на сѐ, свртен кон Ерусалим вели: „Да беше и ти узнал барем во овој твој ден, што служи за твој мир? Но тоа сега е сокриено од твоите очи; зашто ќе дојдат денови за тебе, и непријателите твои ќе те опкружат и опколат, и ќе те притеснат од сите страни; и ќе те рушат тебе и ќе ги убијаат твоите деца во тебе и нема да остават камен на камен од тебе, зашто не го позна времето во кое што беше посетен“ (Лука 19 глава 42-44 стих). Но и покрај сѐ, Тој со сигурност и со радост влегува во светиот град, сигурен во својата целосна победа, а и поради смелоста на оние кои го последуваа.

Евангелскиот текст нашето внимание го насочува кон четири основни моменти при триумфалното влегување на Христа во Ерусалим. Првиот е доведувањето на ослето; вториот - седнувањето на него; третиот - пресретнувањето на Исуса од страна на толпата; и како четврт и последен момент е круната, односно пофалбата од страна на толпата.

Преку првиот момент - доведувањето на ослето можеме многу јасно и недвосмислено да проникнеме во сеопштата власт Исусова, зашто со многу голема сигурност ѝм вели на своите ученици: „одете во селоно, што е наспроти вас, па штом влезете во него, ќе најдете врзано осле, што ниеден човек не го јавал; одврзете го и доведете го! А потоа, за да ја покаже не само власта над природата и над животните туку и над луѓето продолжува: „И ако ви рече некој: „Зошто го правите тоа?“ Кажете дека Му е потребно на Господа; и тој веднаш ќе го прати тука“.

Преку вториот момент - донесувањето на ослето, гледаме како Тој покорно седнува и со брзање заминува по патот каде што посакал, исполнувајќи уште едно чудо, а тоа е објавувањето на начинот и потсетувањето на Неговиот карактер, исто каква што била и Неговата мисија - да донесе мир и кротост во светот, нешто кое што го избрал како Бог уште од самото Негово раѓање во пештера и во јаслите. Оној, Кој што се роди во таква изнајмена пештера од пастирите, Кој што пасхата со своите ученици ја празнуваше во изнајмената скриена горна одаја, Оној Кој што беше положен во изнајмен гроб, а во исто време беше Господар на целата вселена, еве го денес на изнајмено осле, бедно и скромно како што живееше на земјата, влегува во Ерусалим пречекан од тварите како вистински цар.

Од Неговата бедност ние можеме да научиме три важни нешта, кои што се вистинити:

прво - дека не само што е Он нашиот цар, туку е и нашиот Првосвештеник, Еден и Едниствен, Тој е Алфа и Омега, Кој што секогаш е подготвен да ја поземе немоќта на сите нас и да сострадува со сите нас, додека во исто време е најмоќниот Цар, Кој што ги спасува сите оние кои што му пристапуваат со вера.

второ - дека нема ништо срамно во бедноста. Срамни се човечките слабости и пороците, кои што не водат кон бедноста, и дека чесните и работливи луѓе, кои што живеат во беда се достојни за почит, исто како и чесните и работливи луѓе кои што живеат богато.

 и трето - ние, како вистински следбеници Христови, треба да се одликуваме со благоста и добрината на давањето, на која што нѐ научи Тој, Најдобриот и Најголемиот Дародавец.

Третиот момент со акцент на денешнава случка преставува важноста Исусова, нешто кое што евангелистите нам нѝ го предочуваат со објаснувањето на начинот на кој што бил пречекан од толпата: „И мнозина ги постилаа своите облеки по патот“. Ова биле гестови на почит и уважување, кои биле укажувани само на царските личности, и за чудо луѓето за ова не биле укорени од Спасителот. Зошто? Затоа што Нашиот Бог јасно посака луѓето недвосмислено да дознаат дека Он е Месијата, за Кого што говорат старозаветните книги и дека долго очекуваниот Божји Помазаник е овде, помеѓу нив, а покрај ова Тој сакаше сите да ја дознаат исклучителната важност на Неговата жртва како Јагне Божјо како и за настаните што следуваа во наредните денови. Она кое што ни дава живот вечен не е Неговото раѓање, туку Неговата смрт на крстот. Она, кое што ни подарува толкава надеж не е Неговото второ доаѓање, туку Неговото воскресение, како и надежта дека и ние ќе воскреснеме како Лазара. Тајните, кои што тој ги остави на Тајната вечера, имаат една цел - никогаш да не заборавиме за Неговата искупителна жртва. Зашто преку таа Негова смрт, скапо бевме откупени и избавени од гревот, со склучувањето на Новиот завет помеѓу Него и нас.

За четвртиот пак момент, важно е да се потенцира дека Исус е најважниот Цар на целата вселена. Но, тој не само што е важен туку е и славен. Независно од Неговото големо смирение, толпата сепак Го пресретнува со бурни овации и восклици, со поздрави од старозаветните псалми: „Оссана! Благословен е оној што доаѓа во името на Господа! Благословено е царството на нашиот татко Давида, Оној кој што доаѓа во името Господово!  Оссана во висините!“

Ова се зборови од 118 пасхален псалм, кои се исклучително пророчки и месијански. Зборот „Оссана!“ значи „Спаси нѐ сега!“, додека пак зборовите „Оној, Кој што доаѓа во името на Господа“ - недвосмислено Го истакнуваат Христос како Божји Помазаник. И на крајот, тоа се зборови на благословување и тоа од истиот народ кој што за некој ден ќе вели: „Распни Го, распни!“, па овде всушност може да се види вистинското и спонтано однесување на народот кон Исуса.

Па, дозволете и денес, браќа и сестри, кога живееме во овие разбранувани и бурни времиња за нашиот напатен библиски и свет народ, кога многу фактори кои се далеку од нашата црква и вера, па дури и од нашето татково наследство - татковината, да се осврнам и да кажам дека се обидоа да ни го расипат постот, а се обидуваат да нѝ го расипат и Големиот Ден - ВЕЛИГДЕНОТ, насочувајќи ги нашите мисли кон страв и сето она кое што е земно и минливо. Еве од тука, од овој амвон преку благословот и молитвите на нашиот Архиереј, кој што деноноќно коленичи и се моли со нашето домородно свештенство за овој свет народ и за ова библиско парче земја, да ѝм порачам и да им кажам дека Бог е Нашиот Татко, Таткото на овој народ, и дека Македонија е нашата мајка, и ние друга мајка немаме, а дека небесниот Ерусалим е крајната цел на нашето молитвено живеење на овие простори и дека Семоќниот Бог и Македонскиот Светиклиментов народ ќе Го вброи како дел од мозаикот на спасените во небесното живеалиште.     

Затоа, браќа и сестри, во овој празничен ден, кога одново се потсетивме на Господовото триумфално влегување во Ерусалим, да ги подигнеме духовните очи и да погледнеме кон Него за да ја видиме Неговата универзална власт, да размислиме за Неговото смирение и за доброволната бедност во која избра да живее заради нас, да ја осознаеме Неговата исклучителна важност и важноста на Неговата искупителна жртва за нашето спасение и вечен живот. Да се поклониме пред Неговата слава и да Му оддадеме вистинско почитување. Да се поклониме и пред неговите искупителни страдања, кои што заради нас ги претрпе: плукањето, шлаканиците, трновиот венец, биењето со трска, оцетот и жолчката, крстот, погребението, пребивањето во гробот, слегувањето во адот, и сето она кое заради нас Го направи Творецот, не срамејќи се гол да стои пред своите творби. Нам само ни останува да поминеме повторно низ овие настани, за на крајот со слава да се овенчаме и да торжествуваме во висините, пеејќи заедно со ангелите: „Оссана! Оссана! Благословен е Оној, што доаѓа во името Господово!“ АМИН!   

проповедал: свештеник  Борислав  Бобевски

 


Прочитано 1886 пати